Премиерот Оливер Спасовски во гостување на ТВ Телма вечерва најави дека веројатно утре, владата ќе донесе уредба со која, доколку некое од лицата кои се во самоизолација и не ја почитуваат оваа мерка, директно ќе бидат носени во центри за изолација.

– Постојат два вида на самоизолација. Едната е здравстено-санитарна и се однесува на лицата со симптоми на вирусот. Вториот тип на самоизолација е потпишана изјава при доаѓање во Македонија од високо и средноризични земји, и/или имале контакт со лица кои доаѓаат од тие земји, дека ќе бидат во самоизолација. Веројатно утре ќе донесеме уредба со која, ако не ја почитуваат самоизолацијата, директно ќе бидат носени во центри за изолација, посочи Спасовски.

Спасовски побара граѓаните да имаат самодисциплина и да ги почитуваат мерките за заштита на нивното здравје, но и здравјето на сите луѓе. 

– Има луѓе кои сами се пријавиле и ги почитуваа мерките и се покажа дека немаат симптоми на вирусот. Многу е важно колку ние ќе се придржуваме до мерките на владата, бидејќи само на тој начин нема да има ширење на кронона-вирусот, посочи Спасовски.