Желбата да станеме дел од големото евро-атлантско семејство, конечно, постапно се трансформира во реалност и сега од нас се бара да покажеме подготвеност и конечно да го отпочнеме процесот на интегрирање преку исполнување на стандардите во клучните сфери, рече министерот за внатрешни работи и вицепремиер Оливер Спасовски на денешната конференција во организација на институтот Прогрес во соработка со Калеви Сорса фондација од Финска.

„Стратегијата за кредибилна перспектива за проширување и зајакнат ангажман на Европската Унија со Западен Балкан со Акцискиот План претставуваат клучни документи на кои не гледаме како наметната обврска, туку се вистински патоказ како да продолжиме понатаму во остварување на стратешките реформи. Реформите се повеќе од неопходни со цел исполнување на обврските за членство во ЕУ, меѓутоа на реформите гледаме и како неопходност која на институциите и општеството, преку нивниот континуиран развој и надградба, ќе им овозможи да ја гарантираат демократијата, човековите права и владеење на правото“, рече Спасовски.

Тој додаде дека високо на агендата во новиот реформски план, Планот 18, е реформата на безбедносниот сектор, елиминирањето на заканите од тероризмот, борбата против организираниот криминал и корупцијата.

„Приоритетите веќе се имплементираат во пракса. Во ноември годинава е етаблирана Оперативно техничка агенција, исто така донесен е пакетот закони неопходни за реформа на системот за следењето на комуникациите. Активно работиме на реализација на следната приоритетна точка од нашата агенда – реформа на разузнавачките и безбедносните служби. На овој клучен реформски процес му претходеа низа компаративни анализи, дебати, споделување искуства со нашите стратешки партнери. И овој реформски процес се спроведува на транспарентен начин, со обезбедување на инклузивност на сите релеватни чинители“, истакна министерот за внатрешни работи.

Спосовски исто така зборуваше и за глобалната закана од радикалниот тероризам и подвлече дека потребата да се делува превентивно во спречувањето на насилниот екстремизам и радикализацијата налага јакнење на улогата на локалните совети за превенција, поблиска соработка со локалното население, верските заедници, образовните институции, казнено поправните установи и младински организации.

Министерот во обраќањето се осврна и на ефикасната борба против организираниот криминал и корупција, што, како што посочи, е и еден од приоритетите утврден во Стратегијата.

„Мотивирани од потребата од имплементирање на највисоките европски стандарди кои ќе обезбедат спроведување на неселективна борба против сите облици на организираниот криминал, го воспоставивме Националниот координативен центар за борба против организиран криминал, кој е единствен од ваков вид во регионот и има за цел да ја олесни размената на информации и податоци помеѓу институциите кои партиципираат во неговото работење, а со тоа и да ги идентификува во рана фаза преклопувањата помеѓу институциите при превземањето на активностите согласно нивниот законски делокруг на работа. Резултатите се веќе видливи, што не уверуваа дека сме на вистинскиот пат“, рече Спасовски.

Тој нагласи дека генерално, на полето на безбедноста, земјата се движи во добра насока благодарејќи на одредниците дадени во Стратегијата за кредибилна перспектива за проширување и зајакнат ангажман на Европската Унија со Западен Балкан и акцискиот план.

„Многу скоро очекувам дека ќе добиеме нови одредници, преку долгоочекуваниот почеток на преговорите за пристапување во ЕУ, кои ќе придонесат кон континуирано реформирање, напредок и конечно усогласување со европските стандарди, со цел обезбедување поголема безбедност, а со тоа и подобар и поквалитетен живот за сите“, рече министерот.

извор: Makfax