Со шампањско, на здравје, за пехарот на “Вечер”
Струмичката фиеста во салата “Парк”, пред преполно гледалиште и одлична организација на домаќинот КК Струмица 2005, почна и заврши онака како што наликува на едно големо финале. Спектакуларно. Кошаркарите на Ф. Работнички седми пат (четврти во низа) го освоија преодниот пехар на “Вечер” и трајниот на Кошаркарската федерација на Македонија. Во инфарктни 40 минути, во 14. финале од Купот на Македонија, актуелниот шампион и освојувач на Купот славеше против Вардар О, чии играчи долго време по мечот седеа на паркетот, не можеа да ги сокријат солзите, останаа да размислуваат, ако во тие моменти воопшто можеа, каде што ја прокоцкаа големата шанса, против големиот противник. На крајот искуството на Ф. Работнички се покажа како решавачко, неговите играчи го испија победничкото шампањско, иако тоа можеше да го сторат и вардарци, што немаше да биде незаслужено.
Шармот, атрактивноста, ангажираноста ги красеше актерите на 14. финале, се врати вербата во мак-баскетот, секогаш непредвидлив по својата содржина, барем во прволигашките настапи. Во Купот, каде нема поправни испити, кошаркарите на двете екипи се обидоа да внесат малку повеќе душа. И успеаја, на задоволство на сите присутни во салата “Парк”, кои заминаа задоволни од прикажаното. Пред мечот тренерот на Вардар О Марјан Лазовски прогнозираше нерешен резултат и победа на неговиот тим во дополнителните пет минути. Првата четвртина почна во знакот на вардарци, кои по девет минути игра имаа водство од 24:14. Но, не можеа долго да го издржат притисок, немаа континуитет, доволна свежина во играта, Ф. Работнички во 15 минута стигна до првото водство (34:35)., не за долго. Пак вардарци беа тие кои форсираа игра, имаа свој стил. Во 29. минута го имаа и најголемото водство од 66:51, мислеа дека последната четвртина ќе биде рутинска работа. Во моментите на активен одмор на вардарци почна да работи машинеријата на противникот, кошаркарите на Ф. Работнички кои, иако полни со лични грешки, знаеја, предводени од МВП играчот Огнен Стојановски, да бидат доволно агресивни, прецизни во нападот, цврсти во одбраната, навестувајќи ја драматичната завршница. Резултатската драма почна на една минута и 40 секунди до крајот (77:76 за Вардар О). Огнен Стојановски изгледаше најсвежо, беше вистински диригент во редовите на “шпедитерите”. На две секунди до крајот Ф. Работнички дојде до плус три (80:77), почнаа сите да слават и оние од клупата. Но, еден непромислен старт на Ѓуров над Соколов внесе вистински шок, дали ќе има продолжение. Судбината на мечот беше во рацете на Дарко Соколов кој требаше да изведе три слободни фрлања. Првото го реализира, не и второто. И тука заврши трилер завршницата, “шпедитерите” се радуваа, на крајот го испија и шампањското, вардарци очајуваа, исто како и лани пропуштија голема шанса да го освојат Купот. За разлика од машкото финале, во женското немаше голема неизвесност. Професионалниот погон на Кимико ја одработи својата работа уште по првите 10 минути против подмладениот состав на Изградба комерц Младинец (26:11). Продолжението беше обична формалност, само остана дилемата со каква разлика ќе биде изразена супериорноста на стружанки, кои по четвртиот пат во низа го освоија Купот и докажаа дека немаат достоен противник во земјата.
Славчо ТРОШАНОВСКИ ФОТО: Ѓ. Личоски