Холандска владина агенција ќе им помага на македонските мали и средни претпријатија полесно да најдат стратешки партнери од Холандија за реализација на заеднички инвестициони проекти. Станува збор за Агенцијата за меѓународен бизнис и соработка (ЕВД) на министерствата за економија и надворешни работи на Холандија, која покрај во Македонија е заинтересирана да им помага и на локални компании во Албанија, БиХ и Србија. За реализација на овие планови, Агенцијата во октомври во Сараево ќе организира Конференција за инвестирање на Балканот со цел да изврши промоција на регионот како атрактивна дестинација за инвестирање на холандските компании. Подготовките за Конференцијата, ЕВД и холандските амбасади во балканските земји, како што е најавено на официјалната интернет страница на Стопанската комора на Македонија веќе ги започнаа преку имплементација на програмата “Олеснување при воспоставување на контакти”. – Локалните компании што се заинтересирани да учествуваат во програмата, формуларите со опис на проектот можат да ги поднесуваат во Амбасадата на Холандија во Скопје или преку нивниот веб – сајт. Во случај ако се идентификува потенцијален контакт од Холандија, локалната компанија ќе треба во Агенцијата да аплицира за ваучер кој чини 5.000 евра – информираат од Стопанската комора. Овој ваучер локалната компанија може да го искористи за ангажирање на консалтинг компанија, која ќе асистира во воспоставување на контактот меѓу локалната компанија и потенцијалниот холандски партнер. Локалната компанија треба да ги плати и патните трошоци од 1.000 евра на лицата, што ќе одат во посета на потенцијалните партнери во Холандија. (А.Се)