Со свирчиња против отпуштањата
Стотина вработени во “Македонски телекомуникации” се одѕваа на вчерашниот едночасовен протест пред управната зграда на компанијата што го организираше синдикалната организација на Телеком. Наоружени со транспаренти и свирчиња, овие вработени од кои најголемиот број беа од Битола и Струмица му порачаа на менаџментот да престане со притисоците што ги врши врз вработените да ги прифатат социјалните пакети што им се нудат за заминување од компанијата.
“Дојдоа оние што можеа и оние кои покажаа поголема храброст и немаа работни обврски. Не сакавме да се прекине работниот процес, но за разлика од минатите денови кога се праќаа закани до вработените, нашите објекти беа под опсада со што им се скрати демократското право за изјаснување на незадоволството преку јавен протест”, рече претседателот на синдикатот на Телеком, Јордан Сандев.
Според него, една од причините за протестот е и непочитувањето од страна на раководството на Телеком, во законски превидениот рок да се усогласи Колективниот договор со одредбите на Законот за работни односи.Поддршката на протестот дојде лично и од првиот синдикалец во државата, Ванчо Муратовски кој изјави дека Телеком претерува со отпуштањата од работа, со оглед на тоа што и лани заминаа од компанијата многу луѓе.
Телеком најави намалување на бројот на вработените за 550 лица, од кои на 220 им нуди испратнина од 11.000 евра, а на другите 5.000 евра и вработување од две години во друга фирма. Како што соопштија од компанијата, до вчера 393 лица или 66 отсто од предвидените вработени со програмата, избрале еден од понудените пакети. Поради зголемениот интерес за предавање на потпишаните апликации, архивата вчера работеше до 20 часот, денеска ќе биде отворена до 16, а в понеделник, кога е и последниот ден за предавање – до 20 часот.
Светлана БЛАЖЕВСКА