Во хидроелектраната „Вруток“ во рамките на ХЕС Маврово, заврши главниот дел од реконструкцијата за санирање на водостанските шахти, истакна при денешниот увид генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.

Тој посочи дека овој зафат се провлекувал како неопходност во АД ЕСМ во последните десет години.

„Дејствата кои се презедоа со овој проект ќе овозможат драстично намалување на загубите на вода, зголемување на производството, заштита од ерозија на околниот реон, како и заштита на реката Вардар од заматување“, рече Ковачевски.

Воедно истакна дека со оваа рекоснтрукција ќе се овозможи и поголема стабилност и функционалност на електраната.

„Проблемите со појавените извори под затворачница-XIX биле особено изразени во март 2010, кога се зголемени од претходните 22 литри во секунда, на 62 литри во секунда, за во 2014 да дојдат до 250 литри во секунда и конечно во 2016 од 350 до 400 литри во секунда. Во 2017 менаџментот на АД ЕСМ започна постапка за обезбедување на сите потребни проекти за зафатот да биде издржан и траен во своето решение“, посочи директорот на ЕСМ.

Ковачевски нагласи дека преку овој зафат, кој го оцени како специфичен и тежок за изведување, со издвоени средства од близу 3 милиони евра, ќе овозможи да не се губат повеќе од 11 до 12 милиони кубни метри вода годишно како досега.

„Или попрецизно, изразено како енергија тоа се 17 до 18 GWh електрична енергија, кои претставуваат 600 до 700 илјади евра неостварена добивка секоја година, токму поради загубата на вода“, додаде тој.

извор: Makfax