Според претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев приведувањето на обвинетите пратеници за случувањата од 27-ми април е согласно законот. На својот имунитет пратениците се повикуваат дури доколку треба да се одлучува за мерка притвор. Тој не се согласува со народниот правобранител дека е  прекршен  имунитетот на пратениците приведени за инцидентите во Собранието.

На средба со новинарите рече дека судиите постапиле законски и посочи дека треба да се прави разлика терминолошки меѓу приведувањето и притворањето затоа што  пратениците не смеат да се притворат доколку не им се симне имунитет, но дека тоа не се однесува и на приведувањето.

„Пратениците беа приведени поради барањето на Обвинителството да им се определи притвор. Точно е дека се поставува прашањето дали е целисходно да бидат приведени, односно дали во законскиот рок од 6 часа може да им биде одземен имунитетот, но веројатно судиите биле во дилема дали пратениците треба да бидат привилегирани со приведувањето и одлучиле да ги третираат еднакво со останатите осомничени“, вели претседателот на кривичниот суд.

Тој посочи дека доколку завршат процедурите во Катастарот и се добие употребната дозвола, очекува новата зграда на судот да биде отворена на 31 март, Денот на правосудството. Новиот објект ќе има 25 судници од кои две репрезентативни за предмети од организиран криминал.

 

 

 

 

 

извор: Makfax