Скопјанката Стана Филиповиќ, која живее на улицата Ѓорги Поп Христов во населбата Чаир, е 37. добитничка на наградната акција на “Вечер”, со која единствениот семеен дневен весник им се заблагодарува на своите читатели за нивната 40-годишна верност. Кога и се јавивме да ја информираме дека е добитник на 8 000 денари, таа не ги скри возбудата и задоволството. Без проблем, за кратко време пристигна во нашата Редакција за да си ја подигне паричната награда, на која се надеваат илјадниците читатели кои на купоните што излегуваат секој ден на насловната страница, го составуваат името на весникот и купоните ги испраќаат на нашата адреса. †Парите, навистина, дојдоа во вистинско време, добредојдени се. Заминувам на гости во Панчево, Србија, кај мојата ќерка и внук ми Кристофер. Тој полни три години на 8 декември, така што парите ќе ги искористам за да купам подарок. Ќерка ми сакаше да купи телевизор за во детската соба, и еве сега јас ќе им дадам пари за него„- ни рече нашата нова добитничка. Дел од парите ќе бидат искористени за автобуската карта до Панчево, Стана има навика да ја посетува својата ќерка двапати во годината. Стана отсекогаш се дружела со †Вечер„. Во деновите кога весникот излегувал на само 4 страници, тој многу и недостигал. А сега со новиот концепт, последниве три месеци, таа не се одделува од †Вечер„. Редовно ги собира купоните и ги испраќа на нашата адреса. Тоа што среќата еднаш и се насмевна не значи дека повеќе нема да испраќа. Таа и понатаму ќе учествува во наградната игра, надевајќи се дека нечија рака повторно ќе и донесе среќа. (Б.З.)