Македонските граѓани се почесто посегнуваат по банкарски кредити, а банките великодушно, како никогаш досега, нудат разни кредитни производи, натпреварувајќи се меѓу себе која ќе понуди поевтин и поповолен кредит за своите клиенти. Најчесто, како што велат банкарите, граѓаните бараат кредити за да подмират заостанати долгови по основ на натрупани и неплатени сметки, што би се рекло да преживеат. Кредити се подигаат и за решавање на станбеното прашање, за купување автомобил, бела техника, а во овој период од годинава голем е бројот на оние кои се решаваат да летуваат на кредит.
– Не е мал бројот на оние кои ова задоволство потоа скапо ги чини. Не ретко се случува ратите да не се враќаат редовно или воопшто да не се подмируваат, поради што кредито-корисниците дебело заглавуваат – објаснуваат банкарите. Податоците од Народната банка на Македонија покажуваат дека постои тренд на зголемување на кредитирањето на населението. Така, во изминативе две години кредитирањето на населението расте со годишна стапка од околу 60 отсто на сметка на намаленото кредитирање на фирмите. Просечната каматна стапка по која банките ги одобруваат денарските кредити изнесува 12,24 отсто, додека девизните кредити се одобруваат по просечна камата од 7,63 отсто. Сепак споредено со земјите во регионот, Македонците на кредит купуваат само 17 отсто од новосоздадената вредност: станови, куќи, дуќани, автомобили, апарати за домаќинство со што земјава, заедно со Романија, Србија и Црна Гора и Албанија, е убедливо на едно од последните места на листата европски земји. За споредба, жителите на соседна Бугарија на кредит купуваат дури 30 отсто од новосоздадената вредност, Хрватите – 65 отсто, а Словенците повеќе од 40 отсто од целиот движен и недвижен имот го купиле на кредит. Жителите на земјите-членки на Европската Унија на кредит го купуваат речиси целиот нов недвижен и движен имот и на рати ги плаќаат сите патувања и годишни одмори.


Весна М. БОЖИНОВСКА