Во земјава вкупно 194 здравствени работни се заразени со коронавирус, од кои 13 оздравеле, извести Институтот за јавно здравје во најновиот извештај за состојбата.

Досега, потврдени се 1.117 случаи на ковид-19, регистрирани во 21 град во државата, од кои 71,8 проценти се регистрирани од три града: Скопје (388), Куманово (311) и Прилеп (103).

Според податоците на Институтот, највисока кумулативна инциденца на 100.000 жители е регистрирана во Куманово со 218,0 заболени на 100.000 жители, во Дебар инциденцата на 100.000 жители е 183,8, а во Прилеп е 108,1/100.000 жители.

Од пријавените случаи за кои се добиени податоци, 20,7 проценти се или биле хоспитализирани во текот на болеста, а останатите случаи се на домашно лекување и во домашна изолација, асимптоматски или со полесна клиничка слика.

Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (64,3%), кашлица (54,1%), малаксаност (32,3%), треска (18,5%), главоболка (17,5%), болка во грло (15,7%) и отежнато дишење (14,1%).

Кај 33,8 проценти од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето.

Според изврештајот, кај 308 лица се присутни една или повеќе хронични здравствени состојби, од кои 204 лица имаат кардиоваскуларна болест, 64 лица се со хронична белодробна болест, 60 со дијабет, 15 со хронична бубрежна болест и 51 со други хронични заболувања.

Од хоспитализираните случаи, кај 114 се присутни коморбидитети.

Досега 139 случаи се водат како оздравени. Тие се испишани од болница или се со два негативни теста по домашното лекување. Регистрирани се 49 смртни случаи, а од нив најголем дел се на возраст над 60 години.

извор: Makfax