Најголемиот производител на вино и алкохолни пијалаци во земјава, Винарската визба “Тиквеш” од Кавадарци, заедно со кластерот за вино при проектот за конкурентност на Македонија, годинава ќе ги освојува источните пазари. Освен на новите, виното и алкохолните пијалаци, произведени од минатите и од годинашнава реколта грозје, ќе се извезуваат и на традиционалните пазари – југословенскиот, во земјите-членки на ЕУ и на пазарите во прекуокеанските земји. – Од годинашава реколта грозје, нашата компанија ќе откупи околу 30.000 тони. Со нивна преработка, во капацитетите на “Тиквеш” ќе произведеме од 22 до 23 милиони литри вино. Шекерноста на досега откупените количества задоволува и покрај годинашното задоцнето зреење на грозјето. Во моментов, шеќерноста на грозјето кое се откупува се движи од 21 до 23 отсто, вели Ѓорѓи Петрушев, менаџеркоординатор на “Тиквеш” од Кавадарци. Како што истакнува тој, договорениот пласман на домашниот и на странските пазари, до амбалажрањето на виното од новата реколта, што треба да се реализира во февруари и во март, оваа компанија ќе го покрие со преодните резерви од вино и алкохолни пијалаци од минатата и од претходните години. И покрај притисокот на производителите за зголемување на откупна цена на грозјето, Винарската визба “Тиквеш”, грозјето на индивидуалните производители и на акционерските друштва со кои има склучено кооперантски односи, годинава им го плати по цени за над 15 отсто повисоки од ланските. – И годинава за откуп на белите сорти грозје, чија берба почна деновиве, реперна ќе биде минатогодишната откупна цена на “смедеревката” од над 8 денари за килограм зависно од квалитетот на понудените количества на откуп, но и процентот на шеќерни единици. Врз основа на овој нов базичен модел за утврдување на цената на грозјето, кои нашата компанија првпат во државава го имплементира минатата откупна сезона, годинава откупуваат и другите винарски визби. Од годинашнава реколта во “Тиквеш” ќе се преработува грозјето од висококвалитетните сорти со заштитено географско потекло како што се “шардоне”, “вранец”, “совињон”, “мерло”, “ризлинг”, “кралица”, но и пониско квалитетни сорти. (В.А.)