Националната и универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски” – Скопје, започнува со организирање серија настани посветени на светската книжевност.

Првиот културен настан од серијата “Денови на светската книжевност” се организира во соработка со Институтот “Конфуциј” при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје и е насловен “Празникот на пролетта во кинеската книжевност”.

Осврт за значењето на овој празник и за антологиските поетски творби инспирирани од него ќе има Игор Радев. Настанот ќе се одржи денеска 24 февруари во 12 часот, во Центарот за конференции и студии во НУБ “Св. Климент Охридски”.

Најважниот и најдолгиот традиционален празник во Кина е Празникот на пролетта, односно кинеската Нова година, која се одбележува во континуитет веќе 4000 години.

Овој семеен празник трае 15 дена и датумите на кои се одбележува се менуваат секоја година согласно лунарниот календар. Оваа година Новата година започна на 8 февруари, а одблежувањето заврши со Празникот на фенерите на 22 февруари.

Генерации поети и писатели во своите дела ги имаат опеано и овековечено обичаите, обредите и симболите поврзани со овој празник. Големата полна Месечина чиј сјај е засилен од светлината на фенерите на последниот ден на овој празник, е важен мотив во лирските творби на многу значајни кинески поети.

Сите љубители на пишаниот збор кои ќе присуствуваат на овој настан ќе можат да ги разгледаат и да ги купат книгите од кинеските великани преведени на македонски јазик, објавени во рамки на капиталните издавачки проекти “Превод на дела од автори кои добиле Нобелова награда за литература” и “Ѕвезди на светската книжевност”.