Со бастун на работа!?
Поранешниот министер за социјала во бугарската Влада, Иван Нејков, предложи да се помести старосната граница, па и мажите и жените да одат во пензија со полни 65 години. Според сегашниот закон, доколку имаат соодветни бодови, тие престануваат со работа на 63 и 59 години. На предлогот реагираа експерти од оваа област кои дебатираа со часови за да дојдат до заклучок дека пензискиот систем е зрел за реформи, но за тоа не треба да се брза. За разлика од нив, актуелната министерка Емилија Масларова, смета дека нема ништо алармантно и сегашниот пензиски систем е добар, но треба да се усовршува со тек на времето како и се друго. Таа го демантираше тврдењето пуштено во јавноста дека била разгледувана можноста да се биде во работен однос на возраст дури до 68 години.
Меѓутоа и покрај ваквите размислувања, според препораките на Европската унија, старосната граница за пензионирање во Бугарија ќе мора да се коригира што е можно побрзо. Статистиката покажува дека еден вработен во Бугарија издржува еден невработен или едно дете. Според информации, пак, на синдикатите во моментот 100 вработени издржуваат 82 пензионера, а според демографските прогнози во 2050 година 100 работници ќе издржуваат 123 пензионери.