В среда, 29 август во Скопје, ќе биде отворен Социјален велосипедски центар „Педала“ на улица Њуделхиска бр.4, кај Плато, меѓу зградите позади Веро Тафталиџе.

„“Педала’ ќе овозможи на велосипедистите на Скопје пристап до професионални алати за поправање на велосипед; организација на работилници за одржување на велосипед, справување со проблеми со дупнати гуми, проблеми со брзини, проблеми со кочници, изработка на калници и ред други работилници со образовен, но пред се дружбен карактер. Во ‘Педала’ секогаш има искусни велосипедисти, волонтери, кои се спремни да дадат совет или помогнат со проблемите кои може еден велосипедист да се сретне“, велат иницијаторите на проектот.

„Покрај сервисно-дружбените активности во педала имаме и хуманитарни активности, па така веќе ни донираа два велосипеди кои треба да ги средиме и понатаму донираме на лица кои имаат потреба, а немаат можност да си купат велосипед“, вели Ранташа Бојан еден од иницијаторите на „Педала“.

Александра Герчакова вели дека социјалниот велосипедски центар „Педала“ е предвидено да се финансира преку членарина, котизации за работилниците и преку донации кога луѓето ќе се послужат со нивните услуги. „Членарината ни е симболична од 1 200 денари годишно, тоа се 100 денари месечно, за да се покријат трошоците на опстојување, а во духот на ‘Педала’ студенти и социјално загрозени лица имаат далеку пониски членарини, односно бесплатно членство“, рече таа.

извор: Makfax