Пред два дена, Лука Јовиќ ја запроси својата бремена девојка Софија Милошевиќ, за што пишуваа и бројни светски медиуми, а најмногу се шпекулираше за прстенот којшто манекенката го доби во оваа пригода.

Според српски Курир, станува збор за парче накит изработено од чисто бело злато. Според белградскиот златар, со кој порталот разговараше, неговата цена изнесува околу три илјади евра.

Имено, настанот се случи на јахта во Италија, поточно на островот Капри, каде парот го поминува годишниот одмор по завршувањето на фудбалската сезона во Реал Мадрид. На овој ден ќе се сеќава засекогаш, Јовиќ клекна пред избраничката, а нејзиниот одговор очекувано беше „да“. Манекенката ја сподели добрата вест на социјалните мрежи.

– Да. Ти благодарам што беше тука, ти благодарам што повеќе се смеам, ти благодарам што ме сакаш, напиша Софија на Инстаграм.

Лука и Милошевиќ се заедно долго време. На почетокот тие ја криеја врската. Сепак, кога Софија пред неколку месеци објави дека е бремена, на сите им беше јасно дека нивната љубов е силна и дека планираат да живеат заедно. Манекенката ќе се породи во септември во приватна болница во Мадрид, иако првично сакаше тоа да се случи во Њујорк.