Бугарската влада пет години одвојува буџетски пари за финансирање на „Институт“ на партијата на Красимир Каракачанов чија цел е „разоткривање на карактерот на народноослободителното движење на Бугарите во Македонија“, пренесува „Дојче веле“.

Станува збор за здружението „Македонски научен институт“ (МНИ) кое, меѓудругото, има за цел да ја „расветлува насилната денационализација на бугарското население во Македонија“, кое е директно поврзано со партијата ВМРО-БНД на актуелниот бугарски вицепремиер и министер за одбрана Каракачанов. Самото седиште на „Институтот“ се наоѓа во зградата на ВМРО-БНД во Софија.

Бугарските медиуми го пренесуваат истражувањето на бугарската редакција на „Слободна Европа“, во кое се наведува дека за таа цел досега од парите на даночните обврзници во Бугарија биле издвоени околу 220 илјади евра.

Исплатата од буџетските средства започнала паралелно со поддршката на Каракачанов за владата на Бојко Борисов и ГЕРБ во периодот 2014-2017 година. Институтот е создаден во 1990 година како наследник на Македонскиот научен институт од 1923 година.
Ставката во буџетот преку која бугарското министерство за образование одвојува средства за овој Институт е истата преку која се финансираат и институции како Црвениот крст, сојузите на лицата со инвалидитет, Бугарската православна црква и други.

Истражувањето на „Слободна Европа“ открива дека МНИ воопшто не е акредитиран како научен институт, и покрај името. Неговите цели наведени во образложението се: „расветлување на општественото мислење во земјата и во странство, односно насилната денационализација на бугарското население во Македонија; разобличување на фалсификатите на историското минато и разоткривање на карактерот на народноослободителното движење на Бугарите во Македонија“.

Обидот на новинарите да добијат став за тоа како ова здружение ги троши државните пари, како од членовите на Институтот така и од пратениците на ВМРО во бугарскиот парламент, завршил неуспешно. Пратеникот на партијата на Каракачанов, Јулијан Ангелов порачал дека „нема никаков престап во тоа што Македонскиот Институт добива пари“ и дека „Слободна Европа“ има проблем „ако продолжи да им угодува на македонистите и на Скопје“.