Дебарскиот општински оперативен штаб на попладневната средба епидемиолошката состојба со Ковид -19 во оваа и општина Центар Жупа ја оцени како многу сериозна. Со вчерашните 12 нови случаи, само овој месец бројот на заразените е најмалку 50 или вкупно 398 досега.

– Од активните болни 52 се лекуваат во Дебар, шест лица се хоспитализирани во здравствени установи во Скопје. За третирање пациенти со Ковид-19, од пред два дена на располагање е ковид амбуланта во Општата болница со проширена дејност, поточно интерното е адаприрано во инфективно одделение, информираа од Штабот.

Од Штабот со кој раководи градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, апелират до граѓаните за свесност и повисока дисциплина во почитувањето на мерките и избегнување групирања.

– Најмалку овие две три недели не излегувајте без потреба во градот и не присуствувајте на разни групирања каде има повеќе од четири лица. Ова е врв на епидемијата на опасниот вирус. Многу пациенти имаат комплицирана здравствена состојба. Инфекцијата со коронавирус не е едноставен грип, туку многу сериозен грип, што го загрозува здравјето, за што сите сме сведоци на тоа што оваа пандемија ни ги донесе во нашиот град, но и во државава и светот, наведуваат од дебарскиот оперативен штаб.

Во ковид амбуланата ангажирани се осум лекари и исто толку медицински сестри и се обезбедува 24 – часовна услуга за пациентите. Моментно на редовна терапија се десеттина ковид пациенти, а во изминатите два дена по десеттина доаѓаат за контролни прегледи.

Според директорот на болницата, Баки Халили, непрекинато до 22 часот работат и лабораторијата и рендген службата, кои се снабдени со сите потребни реагенси и медицински материјал.