Состојбата на јужната граница е стабилна. Една година по затварањето на балканската бегалска рута бројот на обидите за нелегален премин од грчка на македонска територија е значително намален. Но, и покрај намалениот број на мигранти кои се обидуваат нелегално да ја поминат границата состојбата будно се следи од страна на македонските институции.

– Армијата на Република Македонија и институциите на Република Македонија внимателно ја следат состојбата со развојот на мигрантската криза. Имаме ние соодветни сценарија и планови развиени ако се зголеми приливот на мигранти во Република Македонија од нашата јужна страна, истакна министерот Зоран Јолевски кој беше во посета на јужната граница и сместувачките капацитети на армијата во Богданци.

Тој информираше дека припадниците на армијата таму остануваат се додека трае одлуката за кризна состојба на овој дел од државата. Како сериозна држава, потенцира министерот за одбрана, Македонија е подготвена соодветно да реагира доколку дојде до промена на ситуацијата.

– Будно го следиме развојот на настаните и нема да дозволиме да бидеме изненадени во поглед на бегалската криза. Имаме развиено резервни планови и подготвени сме соодветно да одговориме на секоја ситуација, нагласи Јолевски.

Во моментов на јужната граница има 100 војници и офицери, бројка која е најмала во последните 18 месеци, но таа не е постојана и се менува во зависност од ангажираноста на припадниците на армијата и потребите на теренот.

Соопштението од Кабинетот на шефот на државата доаѓа по реакциите на идејата на шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц за формирање центри за бегалците во некоја од земјите од Западен Балкан, наместо во држави членки на Европската Унија.

-Во однос на мигрантската криза, Република Македонија како и досега така и во иднина, ќе дејствува за да ја заштити својата националната безбедност. Секое решение кое вклучува згрижување на мигранти во балканските држави кои не се членки на ЕУ, нема да биде одржливо, бидејќи тие земји немаа капацитет и ресурси да се справат со очекуваниот прилив на мигранти. Во таков случај, многу веројатно е дека би се довела во прашање и стабилноста на државата. Оттука, не смее да се дозволи создавање на бегалски кампови во Балканските држави кои не се членки на ЕУ. Република Македонија останува на ставот дека треба да се создадат безбедни зони и првични центри за прием, како и да се овозможи сигурност и хуманитарна помош што е можно поблиску до местата на потекло на кризите. Република Македонија е транзитна земја и бегалски кампови нема да има, се вели во реакцијата на Кабинетот на шефот на државата. (З.Ѓ.)