Состанок на француско-германската иницијатива за координација на донатори во врска со нелегалната трговија со огнено оружје во Западен Балкан ќе се одржи денеска во Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

Во 8:45 часот пред Делегацијата на Европската Унија, министерот за внатрешни работи, господинот Оливер Спасовски, ќе даде изјава пред да го отвори настанот, како и во 16:30 часот во салата на  Инфо-центарот на ЕУ, на конференција за печат на која шефовите на француската и на германската делегација ќе информираат за текот и за заклучоците од состанокот.

Големото ширење на мало и лесно оружје (SALW – МЛО) во регионот на Западен Балкан и постојаните предизвици за негова ефикасна контрола, носи ризици како за регионалната, така и за европската безбедност. Препознавајќи ја потребата за поинтегрирана и покоординирана акција за справување со проблемите со МЛО во регионот на Западен Балкан, Германија и Франција почнаа заедничка иницијатива за координација на донатори за нелегална трговија со огнено оружје и сеопфатна контрола на МЛО. Оваа иницијатива има пристап на две нивоа.

Регионален акционен план со специфични и мерливи цели за намалување на недозволената трговија со мало оружје до 2024 година, беше разработен и договорен од страна на партнерите од Западен Балкан. Овој документ претставува основа за зајакнување на соработката помеѓу донаторската заедница и властите од Западен Балкан. Документот беше официјално одобрен од шефовите на држави и влади на Самитот за Западен Балкан од Берлинскиот процес на 10 јули во Лондон.

На национално ниво, донаторските координативни состаноци со кои претседаваат Германија и Франција годинава се организирани кај сите шест регионални партнери за да обезбедат заедничка анализа од страна на националните власти и меѓународните партнери за приоритетите за подобрување на борбата против недозволената трговија со огнено оружје и да ги идентификуваат можностите за понатамошна соработка и иницијативи за заедничко програмирање. Состаноците, исто така, придонесуваат за изработка на националните акциски планови за спроведување на регионалниот план. Првите четири национални донаторски состаноци се одржаа во Подгорица на 2 февруари, во Белград на 18 април, во Сараево на 5 јуни и во Тирана на 20 септември.

На 18 октомври 2018 година Француско-германската координативна иницијатива ќе одржи локален координативен состанок за донатори во Скопје. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ќе одржи воведно излагање на состанокот. На овој настан ќе присуствуваат и експерти од македонското Министерство за надворешни работи. На состанокот Франција е кодомаќин, застапувана од Жан-Клод Брине, амбасадор за транснационални криминални закани и борба против недозволена трговија со МЛО при француското Министерство за Европа и надворешни работи, заедно со Германија, застапуван од Маркус Блеинрот, директор за контрола на конвенционалното оружје при германското Министерство за надворешни работи.

На 11 декември, Франција ќе биде домаќин на конференција на високо ниво во Париз за да се разгледаат резултатите од донаторските координативни состаноци, да се презентираат локалните акциски планови за имплементација на Регионалниот план и да се идентификуваат донаторските придонеси за негово финансирање. Кон крајот на 2019 година, Германија ќе биде домаќин на мониторинг-конференција во Берлин, кога ќе се разгледа првата година од имплементацијата на Регионалниот план и на националните акциони планови.

извор: Makfax