Бешамел сос со печурки
Растопете 50 г путер и пропржете 50 г брашно, па со непрекинато мешање постепено додавајте 1/2 л топла супа. Малку проварете и додавајте 1/2 л топло млеко, насолете по вкус и варете околу 10 минути на тивок оган. Потоа додадете пропржени печурки (300 г) и на самиот крај вмешајте 2 дл павлака и лажица сок од лимон. Сосот можете да го послужите со разни меса.


Бешамел сос на француски начин
На 35 г загреан путер кратко пропржете 30 г брашно и направете светла запршка, а потоа непрекинато мешајќи прелијте со 6 дл ладно млеко. Оставете да проврие, па ставете 1/2 главица ситно сечкан кромид, парченце ловоров лист, каранфиличе и малку рендано морско оревче. Потоа варете на тивок оган внимателно да не загори. На крајот испасирајте низ цедалка.


Сос од вишни
Од црпалка масло и две црпалки брашно направете запршка. Штом ќе порумени, додадете 3 лажици вишни, претходно подготвени (исчистени од семките). Кога вишните добро ќе се издинстаат, додадете по потреба јунешка супа, една лажичка шеќер, 2-3 лажици кајмак или павлака и малку сол. Уште малку проварете и тргнете од огнот, па служете со варено и печено месо.


Сос од грав
Сварете го гравот (бел) испасирајте го низ цедалка, потоа измешајте го со оцет и масло. По желба додадете црн пипер и сол, како и ситно сечкана главица кромид и лист од магдонос.


Прелив за шпагети
Исечкајте 100 г сланина на коцки и пропржете ја во 1 дцл масло. Кога ќе порумени тргнете ја од огнот. Во маснотијата пропржете главица кромид и малку лута пиперка. Кога кромидот ќе биде испржен додајте 100 г сечкан и излупен домат. Гответе околу 5 минути со постојано мешање. На крајот додајте пржена сланина и со така подготвениот прелив прелијте ги, на пример, веќе сварените шпагети или макарони.


Сос од сирење
Во тава ставете 100 г путер, додајте 1/4 л павлака и пржете додека не се згусне. Додајте потоа рендан ементалер, околу 100 г, малку пропржете. Во посебен сад измешајте 100 г бело сирење и 2 жолчки, мешајте додека не се добие мазна маса. Насолете и запиперете и сосот е подготвен, па со него можете да ги прелиете макароните. Ставете во тава околу 400 г веќе сварени макарони помешајте ги со смесата од ементалер, тргнете ја тавата од огнот и додајте го белото сирење, мешајќи енергично. Послужете веднаш, додека ементалерот уште се растегнува.


Карбонара сос
100 г на коцки исечена чадена сланина издинстајте на малку масло. Во посебен сад изматете 4 јајца, рендано сирење, сол и пипер. По желба во сосот додајте неколку лажици павлака и се добро изматете. Преку варените макарони прелијте го сосот, а одозгора посипете со пржената сланина.