Неколку илјади жители на речиси сите села од општина Дебрца денеска одржуваат протест против изградбата на регионална депонија кај селото Годивје. Тие точно на пладне го блокираа сообраќајот на магистралниот пат Охрид-Кичево кај селото Ботун.

Жителите упатија предупредување дека никогаш нема да дозволат изградба на депонија во нивната општина, нагласувајќи дека се работи за еколошки чиста и незагадена средина.

Градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески изјави дека ниту тој, ниту Советот на општината немаат право да ја дерогираат одлуката донесена на референдумот одржан во октомври.

„Целта на овој протест е уште еднаш граѓаните да кажат не на решението што го подготвува министерството за жживотна средина за локација за регионална депонија во село Годивје. Ниту јас како градоначалник, ниту Советот на општината немаме право да дерогираме одлука донесена на најдемократски начин на изјаснување како што е референдумо“ рече Ногачески.

За потребите за одлагање и третман на цврстиот отпад на општините од Југозападниот планско регион беше изработена студија финансирана од ЕУ, во која беа посочени четири локации за тоа каде би било најдобро да се гради регионалниот центар за третирање на отпадот.

извор: Makfax