Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) останува на ставот дека утре ќе организира предупредувачки штрајк во сите основни и средни училишта бидејќи не бил постигнат договор со Министерството за образование и наука, за покачување на платите на наставниците од 25 проценти.

Претседателот на Синдикатот, Јаким Неделков на прес-конференција рече дека наставниците утре остануваат дома, а настава ќе има од вторник.

„Нашите членови и сите други кои не се наши членови, а сакаат да се приклучат, ќе бидат во штрајк. Тие ќе одат на работа, но ќе бидат во просторија одредена за штрајк и нема да ги прифаќаат учениците дојдени на училиште“, рече Неделков.

Тој истакна и дека се вршат притисоци врз наставници кои телефонски се повикуват утре да ги прифаќаат учениците и упати апел до сите надлежни кои ќе се обидат да го опструираат штрајкот да се преиспитаат и да не го прават тоа, а во спротивно предупреди дека ќе поведат кривични постапки.

Министерот за образование Адеми претходно му порача на Синдикатот да не штрајкува и повика учебната година да почне утре.

извор: Makfax