x

Солскјер: Не можам толку бргу да го скоцкам тимот, Клоп веќе четири години ја гради својата екипа

Менаџерот на Манчестер Јунајтед Оле Гунар Солскјер смета дека ни дузина трансфери во јануарскиот преоден рок нема да ги реши проблемите на тимот. „Црвените ѓаволи“ забележаа два едноподруго порази и сега се на шест бода зад четвртото место и неверојатни 33 поени помалку од лидерот Ливерпул. Голем дел од навивачите го изразуваа гневот поради фактот што клубот тоне, а ништо не се прави во подобрување на ситуацијата ниту се привлекуваат нови играчи за да се крене класата.

Норвежанецот тврди дека работи по план и дека не е возможно наеднаш да бидат донесени осум, девет или десет играчи. А и да бидат донесени ќе треба долг период за да се вклопат сите во екипата.

„Ние имаме свој начин на работа. Се разбира, можете да видите дека другите тимови одлично се снаоѓаат, но верувајте ова е процес и не е толку едноставен. Јирген Клоп четири години работеше на градењето на тимот и сега тие добро напредуваат. Не можете наеднаш да купиме осум до десет играчи. А овој јануари е уште потежок, но се уште се обидуваме да направиме нешто.

Кога започнувате нешто мора да го следите планот. Истото важи и за мене. Не можете да го промените после осум, девет или десет месеци работа. Јас се придржувам до она што го предадов како план до раководството. А сите мои разговори со клубот во моментов се многу позитивни“, рече Солскјер.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата