За да биде прифатен предлогот, за кој се дебатираше пет дена, потребно беше двотретинско мнозинство. Предлогот беше поднесен од пратениците од опозицијата кои се противеа на одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за аболиција, која подоцна беше повлечена.

Според опозицијата, Иванов треба да биде отповикан, ја злоупотребил положбата и прекршил повеќе уставни и законски одредби. Од ВМРО-ДПМНЕ иако не ја прифатија одлуката на Иванов, сметаат дека таа била во согласност со Уставот и законот.

Во првиот дел од денешната седница пратениците од СДСМ и ДУИ истакнаа дека претседателот мора да сноси одговорност за помилувањето и треба да биде отповикан, додека пак пратениците од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека иницијативата на опозицијата е несонована.

Стефан Богоев од СДСМ ги повика пратениците да гласаат за одговорност на Иванов, бидејќи, како што рече, на Македонија и треба претседател со кој ќе се гордееме и кој ќе ги штити Уставот и законите.

Пратеникот Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ му рече на Богоев дека бил лошо воспитан и ги идеализирал лидерите на СДСМ.

Неговиот сопартиец Андон Чибишев додаде дека пратениците од опозицијата продолжуваат со говорот на омраза, непочитувајќи го кодексот на одговорност.

Според Ибрахим Енес од Партијата за движење на Турците, претседателот Иванов со своите непромислени потези работи против државата и интересите на турската заедница во Македонија.

Претходно, собраниската Комисија за оценување на оправданоста за покренување одговорност на претседателот го оцени Предлогот како неоснован.