Засилена меѓународна соработка, средби, конференции, семинари, специјални гостувања поврзани со ЕУ и НАТО-интеграцијата, како и редовни активности на пратениците, спаѓаат во сумата од речиси 430 илјади евра, што за две години планира да ги потроши Собранието на авиобилети и хотели за сместување на пратениците.

Според објавата на Бирото за јавни набавки, на едниот тендер од 13 милиони денари за 24 месеци Собранието бара да ангажира агенција за сместување во земјата и странство, а другиот тендер за приближно иста сума се однесува на авиобилети. Од собраниската прес-служба информираат дека постапката е потранспарентна и дека двата тендера се објавени на европската интрнет-страница за јавни набавки за да може да конкурираат и меѓународни агенции.

„Досега секој одделен сектор сам правеше резервации на хотели, се вршеа резерваци со картички, а сега нема секој одделно тоа да го прави и треба да се исполнат минимумот услови, минимум ѕвезди, 1 км оддалеченост од настанот поради заштеда на средства за локален превоз и да има минимум три понуди, што значи ќе се избира најекономична и најповолна понуда“, велат од Собранието.

Од Собранието додаваат дека дел од средствата е донација од Швајцарската агенција за развој за потребите на Парламентарниот институт и дека не мора да значи дека сите планирани средства ќе ги потрошат, туку во зависност од меѓународните активности.

Според податоците од собраниските служби, патните расходи за авиобилети за 2018 година биле 5.687.163 денари, а за сместувања биле потрошени 5.258.000. Во 2015, пак, за авиобилети биле потрошени 4.780.510 денари, а за сместување 5.140.830. Во 2017 година, поради настаните и делумно неработењето на Собранието, за сместување биле потрошeни 3.234.062 денара, а за авиобилети 1.887.032 денара.

За 2019 година, како што наведуваат од Собранието, се очекува зголемен интензитет на меѓународна соработка, особено по потпишувањето на протоколот за членство во НАТО.

„Досега (заклучно со 18 март 2019), за само 5 седмици, извршени се 8 ратификации на кои претседателот на Собранието (или негови заменици) беше официјално поканет да учествува како специјален гостин на седниците кога се вршеше ратификацијата. Се очекува овој процес на ратификации да оди со засилена динамика и да финишира до крајот на 2019“, додаваат од Собранието.

Од редовните активности планирани се 106 настани од меѓународна соработка, меѓу кои седници на НАТО, годишна сесија на ПС на Советот на Европа, студиска посета на НАТО, состанок на комисии, Парламентарното собрание на ОБСЕ, Генерално собрание на ОН, Рос-Рот-семинар и сл.

извор makfax