На барање на опозицијата, во Собранието денеска не се расправаше за измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести.

На собранискиот сајт во предлог-дневниот ред за денешната 18. седница како последна точка беше ставен овој закон, но истиот не беше на дневен ред бидејќи ВМРО-ДПМНЕ побарале да го разгледаат и да дадат свои предлози.

Станува збор за измени и дополнувања во насока на мерките кои претходно беа усвоени на владина седница. За да стапат на сила овие мерки, неопходно е да се направат измени во Законот за заштита на населението од заразни болести.

Пакетот се состои од три мерки: задолжително носење маски на отворено, ограничување на групирањето по 22 часот надвор на максимум четири лица и ограничување на семејните собири, односно едно семејство да смее да прими најмногу четири гости.

На денешната седница пратениците ја изгласаа потребата за носење на закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по договорот за заем за финансирање на Проектот за модернизација на земјоделството, по скратена постапка. Изгласани беа и одлуките за испраќање двајца припадници на Армијата во меѓународната операција на Организацијата на Обединетите Нации „УНИФИЛ“ во Република Либан, како и испраќање на припадник на Армијата за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина.

извор: Makfax