Собранието денеска во рамки на 92. седница по скратена постапка ги донесе измените и дополнувањата на законите за возила, за минерални суровини, како и за јавните претпријатија и за угостителска дејност.

Пратениците по скратена постапка ги донесоа и измените и дополнувањата на повеќе закони од областа на земјоделството, меѓу кои на Законот за тутун и тутунски производи, на Законот за основање Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, на Законот за квалитет и безбедност на ѓубриња, биосимулатори и подобрувачи на својствата на почвата, на Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија, но и на законите за органско земјоделско производство и за вршење земјоделска дејност.

Без расправа, по скратена постапка, на собраниската седница меѓу останатите беа донесени и измените и дополнувањата на Законот за виното, на Законот за шумите, на Законот за репродуктивен материјал од шумски видови дрвја, како и на законите за земјоделско земјиште, за земјоделски задруги и на Законот за Државниот инспекторат за земјоделство.

На дневен ред на денешната седница беа ставени и усвоени и предлог законите за изменување и дополнување на Законот за квалитет на земјоделските производи, на Законот за безбедност на храната и на Законот за сточарството.

Во однос на измените и дополнувањата на Законот за возила, заменик министерот за економија Кристијан Делев појасни дека станува збор за повеќегодишна регистрација за тракторите и земјоделската механизација. Овие измени, нагласи тој, се многу важни за земјоделците бидејќи со постоечкото законско решение тие мораа секоја година да вршат регистрација и да плаќаат за тоа. Затоа, рече, со ова решение даваме можност регистрацијата да биде за повеќе години и техничкиот преглед да биде еднаш во две години. Делев посочи дека се дава дополнителен рок за регистрација, односно за регистрација за сите приклучни машини.

– Уште една измена овде во овој закон е направена, тоа е во делот на пробните таблици. Повторно се воведени пробните таблици бидејќи Македонија стана и производител на возила, така што неопходно е да се овозможи употреба на пробни таблици додека тие возила се испорачаат до конечната дестинација или кога ќе излезат надвор од државата за пазарот кај што се наменети, рече заменик-министерот за економија Делев.

Измените во Законот за минерални суровини, појасни меѓу другото Делев, се однесуваат на делот на концесиите кои ги опфаќаат топлите води во село Банско и тој регион и за инвестициите во рударството кои се однесуваат на гаранции за концесиите. Според Делев, со измените се дава можност да се легализираат сите бушотини и рационално користење на топлите води во село Банско и регионот. Со цел да не се загрозува животот на населението во село Куклиш, каде има експлоатација на песок и чакал, со измените на законот се најде начин како концесиите да се пренесат на други локации. За странските инвестиции во рударството, според Делев, кои се над неколку стотици милиони евра, се прави значајна измена за инвеститорите, односно, како што рече, доколку дојде до стечај самиот инвеститор ќе има можност да направи во првата фаза преземање на овие концесии и натамошно инвестирање.

По редовната пауза, пратениците во рамки на истата седница ќе расправаат по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на природата, по скратена постапка, како 48 точка од дневниот ред на кој се ставени повеќе од 70 точки.