Рускиот опозиционер Алексеј Навални се наоѓа на одделение за интензивна нега во сибирската болница во Омск, во бесознание и на респиратор, откако, според неговата портпаролка, утринава бил отруен.

Навални (44), адвокат и антикорупциски активист и еден од најжестоките критичари на рускиот претседател Владимир Путин, е во болницата во Омск, откако загуби свест на летот за Москва, пред кој се имал напиено само чај.

Авионот бил принуден да слета за Навални да биде однесен во болница.

„Алексеј е отруен, Алексеј сега е на интензивна нега“, наведе Јармиш, пренесена од француските медиуми.

„Сигурна сум дека е намерно отруен“, рече таа за радио станицата Ехо на Москва, додавајќи дека според лекарите отровот се апсорбира побрзо ако е во врела течност.

Тасс објави дека Навални е на одделението за токсикологија на одделот за интензивна нега на болницата во Омск.

-Неговата состојба е сериозна, изјави главниот лекар на болницата Александар Мураковски за Тасс.

Ројтерс ја пренесе изјавата на лекарот од болницата, Анатолиј Калиниченко, кој објасни дека не е сигурно дека Навални е отруен, како што сугерираат неговите соработници.

Јармиш кажа дека на Навални му се слошило откако на аеродромот испил црн чај и дека тој наутро не консумира ништо друго.

Калиниченко рече дека „природно труење“ е една од работните дијагнози што се земени во предвид.

Јармиш додаде дека на нивно барање полицијата била повикана во болницата.