Една од легендите чие спомнување и денес побудува спомени е името гранап. Гранапите се синџир од продавници што оставија длабока трага во повоениот живот во Македонија, особено во Скопје како главен град. Кога ќе спомнете гранап, како да го спомнувате името на најблискиот пријател, некој особено драг човек, роднина или незаборавна љубов. Денешните слогани од маркетите, како што е „сѐ за семејството“, и она некогашното снабдување на целото семејство од гранапите, не се исто. Како што не се исти социјалните и општествените околности. Во денешните услови на пандемијата, не само во светот туку и кај нас, некои продавници се испразнети или им недостига стока. Исто како што некогаш недостигала стока по војната, иако не можат да се направат директни споредби, но таквите недостатоци секогаш предизвикувале страв и загриженост, без оглед за кое време се работи.

Како, всушност, настанал гранапот, кој толку многу е врежан во сеќавањата и спомените?
Познато е дека кога ќе го разложите зборот „гранап“, го добивате слоганот градско-набавно-претпријатие. Но тоа е само формалната страна, а каква суштина крие самата намена на гранапите или, поточно, она „набавно претпријатие“? По војната, набавката на основните прехранбени артикли наменети за широкото население била основниот проблем. Кризата била најакутна особено во тој домен. Некогашните приватни предвоени бакалници се национализираат кон 1946/1947 година.

Во тие години неопходно било да се формира една организација, односно набавно претпријатие што ќе доведе до ред и сигурност во снабдувањето на граѓаните. Градовите требало да се организираат и да се приспособат кон едно такво претпријатие. Така, поранешните бакалници стануваат државни и се под капата на едно претпријатие – „Гранап“. Бидејќи тогаш владеел купонски систем (се купувало на „точкици“), секој гранап имал свој посебен број.

Тие биле нумерирани. Секое семејство знаело во кој гранап, со кој број, можело месечно да се снабдува. Еден гранап можел да снабдува и по десетици семејства. Според бројот на членовите од семејството се добивале купони, со што се одредувало и количеството на артиклите што можеле да се добијат. На пример: 50 или 100 грама шеќер по лице, потоа одредено количество брашно, масло, сапун и сѐ што било предвидено за едномесечно снабдување. Артиклите и стоката биле набавувани од гросистите, кои ги снабдувале гранапите, така што тој синџир гранап – гросисти посебно функционирал во тоа време. Според сеќавањата, во Скопје сигурно имало над триста гранапи, кои на почетокот биле нумерирани.

Некаде кон почетокот и кон средината на 1950-тите години се укинал купонскиот систем, а стоката во гранапите била во слободна продажба. Тие се снабдени со најразновидна мешана стока како некогашните бакалници, кои сега се под државна управа. Кога снабдувањето ќе биде подобрено и кога ќе задуваат поблагите ветришта на либерализацијата, и гранапите ќе добијат своја конкуренција. Тоа се подоцнежните продавници на „Центроколонијал“, така што постојат и двата вида продавници. Во 1952 година, а особено во годините подоцна, помеѓу „Гранап“ и „Центроколонијал“ се вмешува и трет член, така што се создава тријада. Имено, се формира „Скопски пазар“ од страна на Народниот одбор на Скопската околија, под името „Управа за пазари на градот Скопје“. Освен со управување и грижа за пазарите, во подоцнежните години оваа организација се занимава и со услужна дејност и трговија. Но битно за нашата тема за гранапите е тоа што токму на пазарите или во нивната близина и околина се наоѓаа и најголемиот број гранапи во кои се снабдуваше населението.

Во подоцнежните години конкуренцијата во овој домен станува сѐ поголема.
Гледано историски, гранапот е исклучително важна алка во снабдувањето на граѓаните и семејствата, што зборува за една убава традиција. Гранапите беа и останаа посебен вид скопска митологија. Во времето кога во гранапите можеше сѐ да се купува слободно, иако купонскиот систем одамна беше укинат, остана практиката во нив да се набават артикли и за цел месец. Ако треба, и на рабуш. Брашно, сол, шеќер и сѐ што е најосновно за да се протурка месецот. Замислете каква сензација беше да се купи супата „арго“ со познатиот петел нацртан на сребреното пакување. Во некои од гранапите можеше да се набави и кафето „дифка“ во мали пакувања и лошо сомелено, но неговото пиење претставуваше посебно задоволство.

Беше среќа да се дојде до него. Во нашето детство, пред земјотресот, гранапите беа и своевидни места за сонување и мечтаење. Еве зошто. Тогаш беа многу популарни, не само меѓу децата, гумите за џвакање (популарните мастики), кои се продаваа, главно, во гранапите. Гранапот остана дел од нашите сништа, до денес. Тој е дел од урбаната митологија на скопјани.

– Татко ми работеше во гранап. Тој гранап го носеше бројот 36. Но кој број и да носеше, тој засекогаш е врежан во моите најубави скопски спомени – вели денес Томе Николовски, некогашен жител на Пошта Маало
Денес постои една група ентузијасти што на многу убав начин ја обновуваат традицијата на „Гранап“, отворајќи во Скопје синџир од продавници со истото име. Тоа е и најубав начин да се поврзе традицијата со нашата современост.

(Данило Коцевски, Нова Македонија)