Срцевите заболувања се причина за повеќе од половината смртни случаи во Македонија, а испитувањата покажуваат дека нашите граѓани во еден голем процент несериозно се однесуваат кон своето здравје. Ове е предупредувањето од Републичкиот завод за здравствена заштита кој на вчерашната прес-конференција по повод 25 септември, Светскиот ден на срцето, на граѓаните им порача дека под итно мора да се менуваат начинот на исхрана и стилот на живеење. Експертите обелоденија дека во Македонија 10 илјади луѓе годишно умираат како последица на овие заболувања или од 17.949 починати во текот на минатата година дури 57 проценти умреле од срцеви болести, за разлика од пред 30 години кога овој процент бил 37.
“Ова се податоци кои укажуваат дека секојдневно се зголемува бројот на срцеви болни што пак е резултат на лошиот начин на живеење, исхраната, недоволната физичка активност и стресот”, рече директорот на РЗЗ, Благоја Алексовски, кој истакна дека слични загрижувачаки првични показатели има и во проектот со кој се скенира состојбата со дијабетесот во земјава, пред се во поглед на прекумерната тежина и на степенот на маснотиите во крвта. Ризични фактори кои придонесуваат за појава на заболувањата покрај овие парметри се и консумирањето прекумерни количества алкохол, пушењето, стресот, како и семејните предиспозиции. Според Алексовски, само во период од една година од 2003 до 2004 бројот на смртните случаи предизвикани од срцеви заболувања се зголемил за еден процент што, како што рече, е доволен показател дека треба да се работи на превенција. (Р.Н.)