Броевите на функционерите од ДУИ не се тајна како што тврдат родителите на убиените момчиња кај Смилковско езеро, тие ги видоа сите кога беа во СДСМ на разговор со мене, одговори на 21.04.2018 премиерот Заев, шест дена откако огорчените семејства во судница го вперија прстот во него, тврдејќи дека ги изманипулирал. 

[video:https://www.youtube.com/watch?time_continue=3&v=SFqBPbC2JLg autoplay:0]

Заев рече дека буквално им ги покажал сите разговори на родителите кога биле кај него на Бихаќка.

-Јас заради чувството на родители што изгубиле деца навистина им покажав разговори во просториите на СДСМ каде што видовме како едно од осомничените лица, Азири, воедно ѕвони и разгова со Бејта го моли за 450 евра субвенции за земјоделство. Исто на родителите им покажав и со кој разговарале, ги видоа телефоните, јас не можам да бидам истражител, тоа е предадено, процесот се води, вели Заев.

Во Судот пак мајката на убиениот Наќески рече дека Заев им дал да слушнат само еден телефонски разговор, во кој обвинетиот Фејзи Азири, на непознато лице, му раскажува сон. Според Наќеска, премиерот не им дал да ги чујат другите разговори со образложение дека се државна тајна, но оти ќе ги обелодени за да се чуе вистината.

„Вечерва сонував еден многу лош сон како му ги врзав рацете на момчето, па плачев, па сега си велам да не се израдувам да не го довршив тој никаквец”.

Но оттогаш родителите не добија ништо. Сега Заев уверува дека нема што повеќе да се бара од него, оти се што имал од т.н. бомби, предал во СЈО.

-Сите материјали, ама баш сите вклучително и тие за Шеќеринска, за Сугаревски, за Црвенковски се предадени, рече Заев на 21.04.2018.

-Бараме претрес да се изврши во седиштето на СДСМ. Тврдам дека тие транскрипти се таму. Бараме да не соочите со премиерот Заев, дека не лажеме и не измислуваме. Стражарно приведете го, ќе го почекаме, бараше во судницата Наќески, рече Горан Наќески, татко на убиениот Александар на 17.04. 2018

На прашање на Алфа дали ќе се појави како сведок, премиерот рече дека ќе каже се што знае ако тоа судот го побара од него.

Семејствата на петмината убиени остануваат во агонија, оти како што велат„политичкиот пазар Ахмети – Заев” ја остави правдата со куси ракави. На последното рочиште нагласија и дека премиерот им кажал дека возилото со кое се превезувале извршителите било на МВР, што подоцна од нивни блиски во министерството разбрале дека такво возило нема. Еве што зборуваше Заев за „Монструм” пред три години.

-Со обелоденувањето на вистината за случајот како што владата го нарекува „Монструм” ќе обелодени болна вистина, рече Зоран Заев,на 3.5.2015.

Во низата нелогични и контроверзни нејаснотии за „Монструм” сега лебди и прашањето зошто Заев додека беше опозиција на родителите на убиените деца од Радишани, им покажувал транскрипти од разговори во кои се зборува за земјоделски субвенции, а не конкретни во врска со трагедијата кај Смилковско.

Тврдеше дека обвинетите неправедно се осудени

За време на “бомбите” Заев јавно изјави дека има докази со кои ќе докаже дека осудените во „Монструм” се неправедно осудени. Потоа кажа дека грешно бил разбран. Постојано повторуваше дека “бомбата” за Смилковско ќе открие нова вистина за случајот. На секоја прес-конференција и на интервјуата добиваше новинарски прашања кога ќе биде објавена таа снимка и тој одговараше секогаш различно. Но, тврдеше дека ќе ја открие вистината. Потоа ги обвини новинарите дека “грешно го пренеле”.

-Најверојатно станува збор за погрешна интерпретација на самиот новинар, но секако големи сомневања се врзани за овој случај. Со обелоденувањето на вистината за Смилковското езеро или проектот на Владата „Монструм”, како што го нарекоа со кривичната пријава, ќе обелодени болна вистина, рече Заев во мај 2015-та.

Погледнете детали од тогашниот прилог на телевизија Телма.

[video:https://www.youtube.com/watch?time_continue=17&v=qtOo32wSKKQ autoplay:0]

Кобниот 12-ти април убиените се четири момчиња на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски.

Крвнички беше убиен и Борче Стевковски, 45 години, од селото Црешево. Убиствата се случиле меѓу 19:30 и 22:30 часот кога биле најдени телата на убиените.

Обдукцијата врз убиените покажал дека во нив е пукано од три типа огнено оружје, зашто се најдени чаури од три различни типа муниција, што сугерира дека има повеќе од еден извршител на чинот.