Словенци се мерачат на Стопанска банка – Битола
Стопанска банка Битола има сериозна шанса да прејде во рацете на еден словенечки инвестициски фонд. Пред неколку дена во посета на Банката биле претставниците на словенечкиот инвеститор, кои на менаџментот на Банката му доставил и конкретна понуда со која тие ја изразуваат подготвеноста да ја купат оваа наша банка.
Ова се шпекулациите што деновиве станаа се погласни во банкарските кругови кои велат дека на Стопанска банка Битола, која во моментов е една од подобрите македонски банки “фрлиле око” неколку словенечки инвестициски фондови, меѓу кои “Кметска дружба” и “Потеза”. Инаку, “Потеза” веќе има купено околу четири до пет отсто од акциите на битолската Стопанска банка, како и околу 17 отсто од акциите во Инвест банка -Скопје. Во банкарските кругови се зборува дека наспроти интересот на Словенците, понудата што ја има дадено Комерцијална банка е се уште отворена. Имено, оваа наша најголема банка им понуди на Стопанска -Битола и на Охридска банка да се присоединат кон Комерцијална, но неофицијално првите луѓе на овие две банки, Најденко Поповски и Јаким Ивановски биле против ваквиот дил.
Како што вчера за “Вечер“ изјави Јаким Ивановски, прв генерален директор на Стопанска банка-Битола, сите овие информации се чиста шпекулација. Точно е, вели тој, дека акции во Банката некаде околу 4 до 5 отсто има купено словенечкиот инвестициски фонд “Потеза”, но од продажбата на Стопанска сега- засега нема ништо. “Точно е и тоа дека неодамна во посета на Банката беа претставниците на една словенечка банка, но се разговараше само за деловна соработка и ништо повеќе”, дециден е Ивановски.
Во банкарските кругови велат дека банката е интересна за странските инвеститори од причина што е една од трите најуспешни банки во земјава, која годинава ќе забележи уште поголеми резултати од лани. Акциите на оваа Банка на Берзата во моментов достигнуваат цена од 6.700 денари.
Весна М. БОЖИНОВСКА