Во словенечките затвори има стотина уапсени организатори на илегална миграција, а сегашната влада ќе ја заостри својата политика кон барателите на азил, бидејќи тоа најчесто се злоупотребува, објави во понеделникот министерот за внатрешни работи Алеш Хојс.

Хојс изјави дека досега во Словенија се регистрирани 10 до 11 илјади нелегални гранични преминувања, но дека по апсењето, само петтина од нив ја изразиле својата намера да побараат азил во Словенија, а 70 проценти од нив го напуштаат домот за азиланти пред да биде завршена постапката.

Според него, тоа значи дека повеќето од нив се одлучуваат повторно да се обидат да се пробијат до крајните посакувани дестинации на северот или западот на Европа, а не да бараат азил во Словенија.

Бидејќи ова прашање не е решено со новиот предлог на пакетот за миграција на Европската комисија, Словенија најверојатно ќе им забрани на барателите на азил да го напуштат центарот за азил додека трае постапката, а парламентот наскоро ќе донесе одлука за новиот закон за странци, со кој построго ќе се дефинира што е тоа право на азил, наведе меѓу другото Хојс.

извор: Makfax