Министерот за земјоделство, Љупчо Димовски се сретна со амбасадорот на Словенија Бранко Раковец при што станало збор за соработката на земјите во областа на земјоделството која се реализира согласно Договорите меѓу двете за соработка во областа на заштита на растенијата и на полето на ветеринарната медицина.
Словенија, според Димовски, е еден од стратешките партнери на Македонија во поддршката на структурните и правни реформи во процесот на европската интеграција. Тој го информирал амбасадорот Раковец дека словенечката Влада издвојува одреден буџет за исполнување на стратешките приоритети на Владата на Република Македонија односно реализирање на европската ориентација на земјата.
Во рамки на Програмата за техничка соработка во областа на земјоделството, годинава техничката помош ќе се реализира во областа на фитосанитарната политика, анализа на земјоделската политика, трговската политика, шумската и ловната инспекција, зоотехниката, како и во областа на семето и садниот материјал. Интензивна техничката соработка со словенечките колеги, како што е наведено во соопштението, е реализирана и преку ТАИЕХ инструментот во областа на фитосанитарната инспекција, семе и садниот материја, органското земјоделско производство, медиумска кампања за руралниот развој…
Амбасадорот Раковец истакнал дека успешната соработка меѓу двете земји треба да продолжи и понатаму.