Словенечките политички партии, кои бараат заминување на Јанез Јанша од функцијата претседател на Владата, би можеле денес да се договорат за кандидатот, кој на почетокот на следниот месец ќе му го предложат на Парламентот за мандатар на новата влада. Новиот мандатар, како што наведуваат словенечките медиуми, би можела да биде Аленка Братушек од партијата Позитивна Словенија (ПС).

Во комбинација за ново парламентарно мнозинство би можеле да се поврзат Позитивна Словенија и партиите кои ја напуштаат Владата или веќе го сториле тоа. Станува збор за Граѓанската листа, Демократската партија на пензионерите и Словенечката народна партија. За тоа дали ќе се придружат кон таа иницијатива, утре ќе одлучуваат и Социјалните демократи, кои досега се залагаа за решавање на политичката криза со што е можно поскоро одржување на предвремени избори.

Партијата ПС сега е во опозиција, но има најмногу мандати во Парламентот и без нејзините гласови не може да се формира мнозинство. Братушек ја води партијата откако љубљанскиот градоначалник Зоран Јанковиќ, основач на партијата, ја замрзна својата претседателска позиција. Условот на Батушек за составување нова влада е во неа да не биде поранешниот министер за финансии Јанез Шуштершиќ. Братушек и ПС не се согласуваат со концептот на санација на банките и управување со државниот имот, кои тој ги заговараше во Владата.