Замислете во вашата земја да избие војна и да сте принудени да бегате. Бегате од една до друга држава, преку Евриоа и некаде, среде ноќ, ќе ве уапси полиција. Ќе ви ги одземе парите, телефонот, личните предмети и ќе ве затвори.

Ќе ве прашаат дали сакате азил, но вие тоа не го сакате, оти таа држава не ја познавате, никогаш не сте слушнале за неа и не сакате да останете тука. Потаму, во Европа, ве чека семејството.

Полицијата ве задржува неколку дена и утврдува дека ќе ве испрати надвор од државата, но не во правецот каде што сте тргнале туку назад, од каде што сте дошле. Никој не видел од каде сте дошле, па интензивно бараат докази. Докажувањето трае со денови, можеби и со недели.

Во меѓувреме ве чуваат во затвор. Ви даваат да јадете и ви даваат кревет. Можете да прошетате по заградениот двор. Може да ве посети лекар, можете да разговарате со психолог, но тоа не помага многу, дури и ако најдете заеднички јазик.

Ако во затвор сакате нешто да купите, на пример, основни средства за хигиена, ќе ви вратат дел од парите.

На крајот од сите процедури, кога конечно ќе ве пуштат и ќе ве вратат на граница, земаат дигитрон и пресметуваат: толку денови во затвор помножено со 20 евра. Ако ве задржале “само” 10 дена, имате среќа. Некои ги држат многу подолго, на пример, шест месеци, а тоа чини 3600 евра.

Државата која ги затвора мигрантите и им наплаќа престој во затвор се вика Словенија, пишува љубљански “Дневник”. Полицијата бегалците не ги нарекува бегалци туку илегални имигранти. За весникот полицијата соопштила дека 20 евра ја чини државата храната, струјата, водата, чистењето за секој “илегален имигрант”.

Според податоци од полицијата, Словенија годинава во центарот за странци одземала 33 илјади евра. На име “престој” наплатиле уште 9000 евра, а тука не се пресметани парите кои бегалците ги потрошиле во затворот.