Во регионалните центри Битола и Штип и останатите болници во државава се лекуваат вкупно 682 пациенти позитивни и суспектни на Ковид – 19. Слободни места има во речиси сите центри. Во болниците во внатрешноста има околу 70 слободни болнички кревети, а се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла, соопшти Министерството за здравство.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат на дневна основа, како што посочуваат од Министерството, во болницата во Битола се хоспитализирани 68 позитивни и суспектни пациенти на Ковид-19. Во болницата во Штип се примени пет пациенти, а вкупно хоспитализирани се 59 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 51 пациент, во Велес се лекуваат 75 болни, а во Куманово 66 пациенти. Во ковид центарот во Охрид се хоспитализирани 94 пациенти, во Прилеп 80 пациенти, во ковид центарот во Гостивар 38 пациенти, а во Струга има 37 пациенти. Во болницата во Струмица се хоспитализирани 22 пациенти, во Кочани 19, во Кичево 19, Кавадарци 42, а во Гевгелија 12 лица позитивни на коронавирусот. Бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.

Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени, наведе Министерството преку соопштението.

извор: Makfax