Во земјоделството треба да се воведе субвенционирање на примарното земјоделско производство преку законска поткрепа, а паралелно да се преземат заштитни мерки од нелојалната конкуренција. На нето-извозниците им треба и субвенционирана нафта, а долгот што државните органи и општините, кои го имаат кон градежните компании за извршена работа да се искомпензираат преку доспеани и идни даноци и придонеси. Ова е дел од серијалот предлози, кои најстарата коморска асоцијација кај нас му ги предочи на премиерот Бучковски при конституирањето на Советот на комората. Патем од Владата побараа да ги намали своите дискрециони права во дистрибуцијата на додела на режимските права на корисниците, како и да и врати некои овластувања кои и ги одзеде, и покрај тоа што и самата Комора има капацитет да ги врши.
Ваквото исклучување, вклучување на државата од бизнисот, Комората го гледа во контекст на подобрување на бизнис-климата и подготвување за конкуренцијата на идниот заеднички ЕУ пазар.
-Соочени сме со суровоста на волчјиот закон на конкуренцијата, рече академик Никола Кљусев, при регионалната и европската интеграција. Македонија треба да има поагресивни односи со земјите со кои имаме склучено спогодби за слободна трговија под покровителство на пактот за стабилност. Тие не ги дадоа очекуваните ефекти иако регионалното обединување е природен процес иако само етапа во приближувањето кон ЕУ. Конечно, според него, ако една империја како САД дава стимулации за своето земјоделие, зошто ние не го следиме тој пример?
Според првиот човек на Владата македонските бизнисмени треба сами да работат на подобрување на конкурентноста на своите производи, а не да очекуваат поддршка од Владата. Она што таа сработиле за стопанството, според него, е што отвориле пазар од 550 милиони потрошувачи, алудирајќи на цела ЕУ.


Виолета ЦВЕТКОВСКА