Во овој период од годината, од домашното овошје располагаме главно со јаболки. Но, за промена имаме и сосема добро увозно јужно овошје. На пример, сочни мандарини и портокали. Треба да знаете дека јужното овошје има голема вредност како одличен извор на витамини, минерални соли и уште некои многу важни состојки битни за здравата исхрана. Покрај тоа, многу е вкусно да се јаде свежо, но и во различни колачи, кремови и други слатки. Веднаш нудиме предлози!


Брз колач од мандарини
Потребно е: половина пакување смрзнато лиснато тесто, чаша кисела павлака, 4 рамни лажици шеќер во прав, кесичка ванилин шеќер, 3-4 мандарини, по желба фстаци или лешници Подготовка: Лиснатото тесто да се одмрзне и со него да се обложи дното и страните на кружен калап за торта и да се испече во загреана рерна на 250 степени. Да се извади и да се излади. Без многу матење лесно да се измеша киселата павлака со шеќерот во прав и со ванилиниот шеќер, па од ова да се наполни подлогата од печено и изладено тесто. Одозгора да се наредат парченцата мандарини и да се стави во фрижидер (6-7 часа) за кремот добро да се стегне. По желба, колачот може одозгора да се посипе со сецкани фстаци или препечени и здробени лешници. При послужување колачот се сече на парчиња како торта, а може да се декорира со шлаг.


Колач со портокали
Потребно е: килограм поситни портокали, 500 гр наменско брашно, кесичка прашок за пециво, 250 гр путер или маргарин, 2 јајца, 150 гр шеќер, 2 лажици шеќер во прав, кесичка ванилин шеќер. Подготовка: Да се изматат јајцата со шеќерот, се додава омекнатиот путер и сето тоа добро да се измеша за да се соедини. Потоа постепено се додава брашното измешано со прашок за пециво и 4 лажици вода. Постојано се меша. Се замесува мазно тесто и со него се обложува добро подмачкан и посипан со брашно плех за печење. Портокалите се лупат, се сечат хоризонтално на кругови малку потенки од 1 сантиметар и се редат по површината на тестото малку одвоени еден од друг. Се пече во рерна загреана на 200-220 степени околу 20-25 минути. Печениот колач се вади од рерната, се посипува со шеќер во прав измешан со ванилин шеќер, а се сече на парчиња дури откако ќе се излади.


Палачинки во сос од портокал
Потребно е: за палачинките – 3 јајца, 80 гр наменско брашно, 250 мл млеко, сосема малку сол, лажица шеќер, малку рендана коричка од лимон или екстракт со мирис на лимон, 2 лажици павлака и кесичка ванилин шеќер, масло и путер за пржење, а за преливот – 100 гр путер, 60 гр шеќер, децилитар сок од портокали, сок од половина лимон, по 4 лажици ликер од портокал и лозова ракија, 2 помали портокала Подготовка: Масата за палачинки да се измати од сите наведени сотојки и да се остави 15-20 минути да се одмори. Потоа палачинките се пржат во мешавина од стопен путер и масло. За преливот во сув сад да се стопи шеќерот за да стане течен и да добие светлокафена боја, а потоа се става прво путерот, а потоа сокот од портокали и лимон, па ликерот и ракијата. Кога масата ќе зоврие, се додаваат излупени парченца од портокал и се трга од оганот. Во овој прелив треба на кратко да се натопат палачинките и да се свиткаат на четвртинки, а потоа се редат на чинија за послужување. Се прелеваат со остатокот од сосот, се украсуваат со портокали.


млет од овошје
Потребно е: 5 јајца, 5 рамни лажици шеќер, 3 рамни лажици брашно, малку рендана коричка од лимон или екстракт од лимон, 6 лажици овошна салата од сецкано јужно овошје, 2 лажици шлаг, масло и путер за пржење, чашка коњак Подготовка: Јајцата и шеќерот да се изматат со миксер, се додава лажичка масло и брашното, лесно се промешува и од оваа маса на путер и масло се пржат два омлета. На секој од омлетите се ставаат по три лажици овошна салата и една лажица шлаг, па се преклопуваат на половина. Во длабока лажица се става коњакот, се запалува и бргу се прелеваат готовите, филувани омлети. Се служи веднаш. Банани во мед и вино Потребно е: 6-8 помали цврсти банани, 2 лажици путер, 3 лажици масло, половина шолја мед, 2 дл бело вино, кесичка ванилин шеќер Подготовка: Бананите се лупат и се пржат на мешавина од путер и масло за да добијат златеста боја од сите страни. Потоа виното и медот се досипуваат во истиот сад и сето тоа се остава да се провари две минути. Се трга од огнот и се посипува со ванилин шеќер. Вкусни се и топли и изладени.


Сутлијаш со ананас и прелив
Потребно е: половина литар млеко, филџан ориз, 2 лажици шеќер, кесичка ванилин шеќер, малку цимет, мала лименка ананас сечен на парченца, сируп од малини или вишни Подготовка: Од млекото и оризот се вари сутлијаш, се засладува со шеќер, па се додава ванилин шеќер и цимет, па се сипува во помали чинии. Одозгора се распоредуваат парченца ананас и сето се прелева со сируп од малини или вишни. Вкусно е и топло и изладено.




Сорбе од киви
Потребно е: 6 крупни плода киви, 2 портокали, 200 гр шеќер, 2 лажици шеќер во прав, една белка Подготовка: Кивито да се излупи и испасира, се додава сок од портокал и густо варен сируп од шеќер со малку вода. Одвоено се мати цврст снег од белката со шеќерот во прав, се меша со пасираното киви и сето заедно се мати со миксер. Се става во сад за замрзнување и се става во замрзнувач. По еден час се вади, лесно се промешува и пак се враќа во замрзнувачот. Се служи во чаши или чинивчиња, како сладолед, а по желба може да се украси со шлаг.


Биби коктел
Потребно е: сок од два портокала, лажиче мед, 2 топки сладолед од ванила. Подготовка: Сето ова се става во шејкер и добро се протресува. Се служи во висока чаша.


Оранж коктел
Потребно е: сок од помалечок портокал, половина чаша бело вино Подготовка: Се мати во шејкер и се служи со коцка мраз.