Изминаа 11 дена откако селекторот на репрезентацијата на Македонија, Сречко Катанец, му упати покана на младиот талент од Интер, Горан Славковски, за да се приклучи на подготовките на “црвено-жолтите” за претстојниот дуел со Израел, на 2 јуни, во Скопје од квалификациите за ЕП-2008.

Меѓутоа од Македонецот роден во Шведска засега нема ни трага ни глас, а сите обиди на членовите на стручниот штаб да стапат во врска со него останаа безуспешни.

Иако во канцеларијата на ФФМ секојдневно се во очекување да добијат некаков одговор од неговиот клуб Интер или од Славковски, до вчера немаше ништо.

Изминативе денови секретарот на репрезентацијата Славчо Војновски преку луѓето одговорни за контакти со играчите на “нероазурите” или директно се обидуваше да се слушне со Славковски. Но, иако му се врти на неговиот мобилен, Горан не одговара на повиците, а од Интер пак го пренасочуваат разговорот кон менаџерот на Славковски, Јозо Палац.

– Ние како стручен штаб никогаш не практикуваме да контактираме со менаџерите на репрезентативците. Тоа е став и на Федарцијата. Така ќе биде и во случајот на Славковски, кој единствен треба да се изјасни дали ја прифаќа или не поканата на Катанец, истакна Војновски.

Според правилникот на ФИФА играчите се должни да го потврдат својот настап за репрезентацијата 14 дена пред почетокот на натпреварот.

Во случајот со Славковски поканата е испратена многу порано пред објавување на списокот на репрезентативците, се со една цел – навремено средување на комплетната документација и сите административни работи околу издавањето на евентуалната патна исправа доколку е подготвен да игра за Македонија.
Последните информации што го имаат во стручниот штаб на репрезентацијата, од свои извори во Милано, е дека Славковски е повреден и оди на терапија, но останува тоа и официјално да се провери во текот на денешниов или наредниве денови.

Нешто слично се случуваше со фудбалскиот бисер од Интер и кога добиваше покани за настап за младата репрезентација на Македонија. Тој трипати му откажуваше на Мирсад Јонуз, иако претходно потврдуваше дека сака да ги брани боите на земјата на неговите родители. Оправдувањето секогаш беа повредите, иако понекогаш во истовреме настапуваше и за вториот тим на Интер.

Така, посакуваното деби на Славковски во црвено-жолтиот дрес никако да се случи. Дали кај него навистина постои желба да настапува за Македонија или тоа, пак, е само на зборови, останува да се почека уште некој ден.

(Б.Т.)