Од идниот месец ќе почне продажбата на 82 градежни локации во државна сопственост, каде имотноправните односи се целосно регулирани. Станува збор за локации во: Битола, Велес, Демир Капија, Неготино, Гевгелија, Струмица, Кочани и Штип. Нема локации од Скопје и околината, како и од Тетово и Охрид.
Како што вели портпаролката на Министерството за транспорт и врски, Лидија Станчевска, објавата за јавно наддавање за овие локации ќе биде објавена денеска и заинтересираните имаат рок од десет дена да ги достават пријавите. Најголемиот број од локациите се наменети за индивидуално домување, а само 28 за изградба на стопански и деловни објекти. “Во план е да се стават на лицитација над 300 парцели. За почеток се оди само со оние чистите, каде со земјиштето стопанисува државата, а другите ќе се објавуваат парцијално како што ќе се решаваат имотноправните односи”, вели Станчевска.
Последен пат државата на продажба понуди државно земјиште пред две години. Таа акција беше проследена со неколку афери за продажба во четири очи, во која беа вмешани високи државни функционери. (С. Бл.)