Власта на СДСМ не го решава проблемот со загадувањето затоа што профитот и бизнисите ѝ се пред здравјето на граѓаните, обвинуваат денеска од ВМРО-ДПМНЕ додавајќи дека во депонијата „Дрисла“ се складира отпад којшто се согорува и го загадува воздухот во Скопје со канцерогени честички.

Скопје е загадено и од согорувањето на коксот со 18% сулфур диоксид и обоениот текстил во 8-те фабрики на олигарсите на Зоран Заев и Петре Шилегов, се потенцира во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат и дека не се исполнија предизборните ветувања на Петре Шилегов и Зоран Заев кога најавуваа решавање на проблемот.

Петре Шилегов е три години градоначалник на Скопје, но за проблемот со загадувањето молчи, за разлика од локалните избори. Шилегов тогаш ја посочуваше депонијата „Дрисла“ како најголем загадувач на воздухот и ветуваше нејзино затворање. За разлика од тогаш, сегашната ситуација покажува дека власта на СДСМ свесно ги загрозува животите на граѓаните. Нивната доверба во Шилегов е урнисана. Повеќе не може да им се верува на лажните ветувања на Зоран Заев и Петре Шилегов. Сè што ветија, не исполнија. Секое ветување беше лажно и празно. Време е за одговорност и за обнова на Македонија, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.