Зад секоја успешна домаќинка стои вредна жена. Денеска, кога темпото на живот е побрзо од кога и да е, а работното време завршува во попладневните часови, оваа некогашна шега стана гола вистина.

Ако ги прашате, скопјанки ќе ви кажат дека се супердомаќинки и дека не се мрзеливи, но немаат време за се. Затоа, зад нив стои цела армија жени, па и мажи, вработени во фирми за перење, пеглање, готвење, чистење…

Едноставно, новото време создаде нови занимања Здодевното и напорно чистење на домот, перење, пеглање, готвење, па и грижата за домашните миленичиња се претвори во бизнис. Додека низ градовите во внатрешноста ретко ги има, во Скопје специјализирани продавници за готвена храна, иста како дома, сервиси кои освен во фирми чистат и во домови, како и дуќани за перење и пеглање, има се повеќе. Иако лани се донесе закон со кој за вршење нерегистрирана дејност се предвидоа ригорозни казни, се уште има голем број жени кои одат по домови и чистат, готват, а за одреден надомест го завршуваат и здодевното пеглање.

Елена Димова е една од жените кои се логистика на современата домаќинка. Пред повеќе од една година во Скопје отворила дуќан за перење и пеглање и го крстила токму така -“Перам – пеглам”. Денес, вели, е изненадена од тоа со која брзина и расте бизнисот.

– Искрено да кажам, работите се развиваат над моите очекувања. На почетокот мислевме дека ќе работиме за странци кои престојуваат со Скопје, но алишта за перење ни носат и фамилии. Најчесто на перење и пеглање ни носат специфични работи, како кошули, палта и слични парчиња облека што можат да се перат во машина, потоа постелнина, завеси. Переме и детски играчки и тоа со средство за дезинфекција. Знаете, ние пуштаме машина за перење и само за едно парче, а никој дома не го прави тоа. Исто така, тука дискутираме за тоа како да ги исчистиме дамките или жолтото на јаката. Кога переме дома, обично не се заморуваме многу со такви работи. Всушност, можам да кажам дека даваме и невозможни услуги, вели Димова и додава дека според нејзините сознанија, во внатрешноста на државата нема вакви дуќани, но во Скопје веќе се неколку. Таа потенцира дека услугата што ја даваат е сосема различна од хемиското чистење.

Во “Перам – пеглам” валканите алишта ќе ви ги земат од дома и откако ќе ги исперат и испеглаат ќе ви ги донесат на врата. Според Димова, цената, што ја наплатуваат на килограм, е сосема пристапна.

– Времето вреди многу повеќе пари отколку што ќе се потрошат за перење и пеглање на облеката, коментира таа и истакнува дека најмногу работа имаат околу празниците, како што се новогодишните и божикните, кога семејствата се враќаат од некое патување.

Мaрија, пак, е пензионерка од Скопје која пегла дома, за тоа наплатува и со тие пари солидно си ја надополнува пензијата. Вели дека се почнало кога некој поранешен колега ја замолил да му најде жена која би ја испеглала облеката што ја испрале во машина за перење по враќањето од годишен одмор.

– Не можев да најдам пријателка што би се нафатила на тоа, па си реков, зошто не јас. За час и половина испеглав се на евтина струја и си зедов 1.000 денари. Оттогаш често го правам тоа и не ми е тешко, вели таа.

За разлика од овој, што е со понов датум, бизнисот со готвење домашна храна е во процут веќе речиси една деценија. Нема поголем маркет без посебен дел за готвени јадења, а се побројни се и специјализираните продавници. Во нив може да се купи буквално се: од предјадења, како пинџур, пирошки и слично, разни супи и чорби, манџи, печено месо… Може да се набави комплетен ручек, а цената на јадењето е најмалку двојно повисока од онаа на состојките од кои е подготвено. Но, за оние со солидни примања, кои се прибираат дома по 17 часот и уште имаат мали дечиња, ништо не е скапо.

Во една од специјализираните продавници за готвени јадења во центарот на Скопје ни рекоа дека не можат глава да кренат од муштерии. Изутрина најчесто доаѓаат вработени од блиските фирми за да си купат појадок, а попладне, од 16 до 18 часот, во редици се чека за да се купи ручек за дома, за целото семејство.

– Секогаш се ни е тазе зготвено од добри состојки. Најмногу се трошат поевтините јадења, како потпечени макарони, печен компир, ориз, гравче и слично, а сега преку зима и сарма од кисела зелка, вели една од готвачките во продавницата.

Таа информира дека имаат и постојани муштерии, семејства кои речиси секој ден ручекот го набавуваат кај нив, зашто готвењето дома им било поскапо, ако се соберат изгубеното време за пазарување, подготвување, потрошената струја…

И чистењето во домови за одреден надомест е стар “бизнис#. До неодамна го “држеа# жени Ромки, со долгогодишно искуство. Кезибе е една од нив. Вели дека долги години ја работи таа работа и веќе ја препорачуваат, но мора да одбива муштерии, зашто не може да постигне.

– За разлика од порано, кога чистев само кај неколку жени и тоа еднаш неделно, сега ме викаат во многу домови. Се е со препорака, преку познати кај кои сум чистела, па за да не одбивам, се договараме две пријателки да ме “делат#. Кај една чистам една недела, кај друга другата. Во некои домови жена за чистење викаат само за најтешките работи, како на пример бришење на прозорците и вратите или генерално чистење по варосување или реновирање, објаснува Кезибе, која смета дека со денешното темпо на живот без жените како неа не би имало чист дом.

Таа работи без застој иако тоа е нелегално и казниво со закон. Затоа пак, постојат легални, регистрирани сервиси, кои освен по фирми, последниве години почнаа да чистат и во домови. Во една таква компанија не информираа дека речиси сите што чистат во фирми, почнале и во домови, зашто имало многу работа.

– Сервис за чистење граѓаните најчесто ангажираат за генералки. Исто така, домаќинствата викаат специјализирани сервиси и за чистење на теписите, за бришење на прозорци. Ние имаме и постојани муштерии кои не ангажираат за секојдневно одржување на домот, еднаш, па и два пати неделно, велат во фирма која од неодамна ја проширила дејноста и сега освен по канцеларии, чисти и по куќи.

И кога домот ќе светне, односно со туѓа помош се ќе биде исчистено, испрано, испеглано, зготвено, останува време и за тоа домашното милениче да се однесе на фризер. Да, и тоа е бизнис на денешнината во нашата држава. Се уште не е многу развиен, но “врши работа# за оние кои не можат да се справат со палавите миленичиња кога ќе дојде време за капење. Освен ова, како во филмовите, и кај нас можат да се најдат луѓе кои за одреден финансиски надомест ќе ви го прошетаат кучето.

Сево ова, за едни е добар бизнис кој не само што носи пари, туку има и перспектива, а за други огромна помош во домот.