Скопската полиција до надлежното Основно јавно обвинителство поднесе кривична пријава против четворица скопјани на возраст од 28 до 41 година кои противправно се стекнале со имотна корист од околу 350.000 денари.

Како што информираат од МВР, разбојниците кривичното дело го сториле ноќта меѓу 22. и 23. декември минатата година, на улицата „Беласица“, на паркинг просторот спроти Скопски саем, при што двајца од нив со употреба на тврд предмет искршиле задно лептир стакло и ја отклучиле вратата на автомобил марка „рено меган“ (со битолски регистарски таблички), влегле во возилото, успеале да го отворат гепекот и заедно со другите двајца пријавени одзеле чанта во која имало лични документи, клучеви, 250.000 денари и 570 евра.

Скопјаните се товарат под сомнение дека сториле кривично дело „тешка кражба“.

По преземени мерки и активности од страна на полицијата, лицата се лишени од слобода и во полициска станица го појасниле начинот на извршување на делото.

извор: Makfax