Генерал во пензија Вељко Кадијевиќ, поранешен министер за одбрана на Југославија и командант на Трета армиска област (Македонија и дел од Јужна Србија) кој со години работеше во Скопје, сега е ангажиран како ад-хок советник на воената коалиција во Ирак, предводена од САД. Неговите врски со Америка датираат од подамна, поточно од времето кога беше студент на елитната Воена академија “Вест Поинт”, што ја заврши со успех и беше еден од најдобрите во генерација.
“Кадијевиќ нема постојана функција во Пентагон. Информациите кои ги дава не се од круцијално значење. Но сеедно, таквиот вид услуги може да донесе заработувачка и до милион и пол евра”, вели извор близок на српската воена разузнавачка служба.

Како што своевремено објави германската агенција ДПА, Кадијевиќ кој од 2003 година живее на Флорида, требало да им помогне на коалициските сили да ги пронајдат тајните воени бункери на екс-претседателот на Ирак Садам Хусеин. За возврат, Кадијевиќ добил имунитет за заштита од евентуален процес пред Трибуналот. Најверојатно затоа Хаг “не бил заинтересиран” за Кадијевиќ, а не му бил потребен ниту азил на ниту една земја.

Откако се иселил на Флорида, тој речиси и не се вратил во Србија. “Не сум го видел ниту слушнал од деведесеттите години. Никој во кругот во кој се движам не знае каде е и зошто замина”, изјави Бранко Крга, поранешен началник на Генералштабот на Војската на Србија. Според него, Кадијевиќ бил еден од шесте избраници од Титовата војска, кои во 60-тите години е испратен во “Вест Поинт”, објавува “Блиц”.