Министерството за транспорт и врски по се изгледа нема да стигне да го даде под концесија Скопскиот аеродром во мандатот на оваа Влада, иако за тоа наголемо се залагаа како ресорниот министер, така и директорите на Аеродромите и на воздухопловните власти, кои сите се од редовите на ДУИ. Иако по усвојувањето на Влада на новиот Закон за воздушна пловидба во кој се продолжува рокот предвиден за издавање на аеродромите под концесија на 30 години, од Министерството најавија дека веднаш ќе го распишат тендерот за избор на консултант, сепак, се дознава дека тоа е стопирано. Од Секретаријатот за законодавство до овој ресор на почетокот на месецов била испратена препорака тоа да не се прави се додека и Парламентот не го усвои новиот законски текст. А со оглед дека оваа точка на дневен ред ќе се најде пред парламентарците некаде во септември, сосема се реални проценките дека нема да има време да се заврши постапката пред изборите.
Зашто, ако во најдобра варијанта Законот и биде донесен идниот месец, тендерот за консултант може да се распише во октомври, а изборот на оној што треба да ја советува Владата во овој процес е можен дури на истекот на годинава. Тој потоа ќе треба да ги создаде условите за давање на аеродромите под концесија, потоа да распише тендер и да направи избор на најдобрата понуда. А бидејќи идната година е изборна, постојат ограничувања до кога Владата има право да продава или да дава под концесии државни добра. Оттаму се и оценките дека Аеродромите засега ќе останат без нов сопственик.
Бидејќи за концесионерство на аеродромите се зборува веќе подолго време (беше актуелно и за време на претходната Влада, која исто така не успеа “навреме” да ја заврши работата) се појавија и многу потенцијални заинтересирани компании. На разговори во Аеродромското претпријатие веќе беа германската компанија “Хохтиф” која е градежен гигант во Европа и која има реконструирано многу европски аеродроми (меѓу другите и Атинскиот пред Олимпијадата), како и турската “Челеби”. Од порано заинтересирана е и турската МНГ, а во игра, наводно, се и извесна малезиска компанија, како и грчката “Актор”, која наводно сака да настапи заедно со “Сименс”.


Зденка ПАВКОВИЌ