“Скопскиот аеродром по меѓународните стандарди има задоволителен квалитет на услугите, а меѓу МАТ и Јавното претпријатие за аеродромски услуги нема несогласувања. Навистина, од домашниот авиопревозник бил добиен список на забелешки кои таа ги има за квалитетот на услугите за кои плаќа, но се уште не е седнато да се разговара за нив”, вели директорот на ЈПАУ Орхан Рамадани, во врска со информациите за лошото ниво на услуги што ги добиваат и патниците и превозниците.
Според него МАТ има долг од 400.000 евра, направен за еден месец и поради тоа беше и заканата дека аеродромските такси ќе ги наплаќа од патниците, иако за такво нешто нема законско право. Тоа што од МАТ, кој е домашна компанија, се бара однапред да ги плаќа давачките кон Аеродромите, а на странските им се дава рок од еден месец било затоа што инаку и тие ќе треба да достават банкарска гаранција.
За него ова барање нема врска со политиката, односно со фактот дека само пред две недели до ресорното министерство, односно до воздухопловните власти било поднесено барање да се издаде дозвола за летање на “Ер Вардар”, која, веројатно, ценејќи дека МАТ сега има проблеми врзани со спорот со ЈАТ како резултат на апсењето на Вранишковски, па ситуацијата треба да се искористи. (З.П.)