Одбројувајќи ги последните секунди од 2004 година со шампањско и огромен огномет, педесет илјади граѓани ја испратија Старата и ја пречека Новата година играјќи и пеејќи ги познатите хитови на живата легенда Горан Бреговиќ. Брега уште еднаш покажа дека е крал на доброто расположение. Тој на преполниот плоштад Македонија, кој за новогодишниот пречек беше украсен по европски стандарди, со своите ултрахитови просто ги натера сите да пеат и танцуваат. Врв на новогодишната прослава на плоштадот беше огромниот огномет, кој започна точно кога малата и големата стрелка на часовникот се поклопија, а бучно беше и потоа, бидејќи одекнуваа петарди. – Среќна Нова година, нека ви биде исполнета со мир, љубов и здравје – им посака градолначалникот на град Скопје Ристо Пенов на насобраните граѓани. Потоа Пенов заедно со Брега, и уште многу познати фаци од јавниот, естрадниот и политичкиот врв новогодишната забава ја продолжија во кафулетот “Тренд”, каде што сите за миг ги заборавија разликите и партиските книшки и заедно лудуваа до раните утрински часови. (А.Н.) Фото: Д.А-А.И.