Словачкиот министер за животна средина објави дека поднесува оставка откако наводно пијан со неговиот брат учествувал во демолирање на кинески ресторан во Братислава, пренесуваат локални медиуми.

Ласло Солимос наводно е фатен поради напад на персоналот на ресторанот и уништување на инвентарот, а според полицијата, еден вработен во ресторанот по нападот побарал и лекарска помош.

Полицијата не го соопшти идентитетот на извршителот, но порталот „Плуска.ск“ пренел дека се работи за министерот Солимос, кој е член на унгарско-словачката партија Мост Хид.

Како што пренесуваат медиумите, уапсеното лице кое било во алкохолизирана состојба гласно протестирало поради апсењето тврдејќи дека е министер за животна средина.

Словачкиот премиер, Петер Пелегрини го повикал Солимос и побарал јавно извинување од него, а министерот по средбата објавил дека поднесува оставка.