Директорот на Разузнавачко-безбедносната агенција на БиХ, Осман Мехмедагиќ, познат како Осмица, останува без факултетската диплома, пишува порталот „Српска инфо“.

Како што се наведува, Републичката образовна инспекција открила бројни неправилности и наредила дипломата веднаш да биде поништена.

Според решението кое го донесе Инспекторатот на Република Српска на 5 август, на ректорот на Универзитетот за бизнис студии, Радован Клинцов, наложено му е во рок од седум дена да ја поништи дипломата што му е издадена на Мехмедагиќ и да ја прогласи дипломата за неважечка во Службениот весник на Република Српска.

Клинцов истакна дека ваква информација не стигнала до него зашто сите на факултетот се на годишен одмор и дека ќе се произнесе за случајот кога сите ќе се вратат на работа.

На Мехмедагиќ во ноември му истекува мандатот на чело на разузнавачката агенција и веќе се шпекулира дека нема да остане на оваа функција.

На почетокот од годинава, Обвинителството на БиХ покрена истрага за лажни дипломи и тогаш беше побарано од сите бзбедносни агенции да достават дипломи за завршено образование на своите вработени. Сите безбедносни агенции, освен ОБА, ги доставиле тие податоци.

извор: Makfax